Има една голема разлика меѓу англиската и шпанската лига, барем ова лето

Трпението на управите кон своите тренери е главната разлика помеѓу англиските и шпанските прволигаши, барем ова лето. Утре стартуваат Премиер лигата во Англија и Ла Лига во Шпанија, две од петте најсилни лиги во Европа, интересот за нив е голем, тие се магнет за публиката и затоа секогаш има поделени мислења која од тие лиги е посилна и поинтересна.

Од завршувањето на претходната сезона досега, клубовите од двете лиги не се премногу активни на трансфер-пазарот, со ретки исклучоци како Челзи, кој потроши многу пари, а има една голема разлика меѓу тимовите во Премиер и во Примера, која се однесува на тренерите.

Во Англија, ниту еден од 20-те премиерлигаши не го смени тренерот, сите остануваат со стратезите кои им подготвуваа тактика и во претходната сезона. Имаше шпекулации дека некои клубови може ќе ги разрешат своите тренери, но тоа не се случи, со денешната потврда на Марсело Бјелса како тренер на Лидс, дефинитивно сите 20 тима остануваат со истите тренери.

За разлика од Премиер лигата, во Шпанија дури шест прволигаши им дадоа откази на тренерите кои ја финишираа минатата сезона. Нови тренери имаат Алавес, Барселона, Бетис, Елче, Валенсија и Вилјареал. Трпението на раководствата таму беше помало, па решија да донесат нови тренери, а дали тоа ќе даде резултат, ќе покаже времето.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести