Американскиот репрезентативец Сержињо Дест се очекуваше да биде големо засилување за Барселона кога пред три години пристигна на „Камп ноу“. Потпиша петгодишен договор, а откупната клаузула беше поставена на неверојатни 400 милиони евра.
Од дефанзивецот се очекуваше да биде големо засилување затоа што претходната сезона во Ајакс одигра одлично, па Барселона без размислување плати 21 милион евра за да го доведе. Сепак, на теренот ситуацијата не беше како што посакуваа во каталонскиот гигант.
Во првата сезона настапи дури на 41 меч за Барселона во сите натпреварувања, но игрите не беа импресивни. Следната година одигра 31 меч, а потоа беше даден на позајмица во Милан. За Росонерите одигра едвај 14 дуели, па беше вратен во Барселона.
Тренерот на Барселона, Чави Ернандес, му соопштил на Дест дека нема да смета на неговите услуги во новата сезона и дека е најдобро да си најде нов клуб и да си замине без никаква отштета иако има уште две години до истекот на неговиот договор.