Има ли логика? Келн е лидер во втората Бундеслига, а го отпушти тренерот

Германскиот второлигаш Келн, на три кола до крајот на шампионатот во германската „Цвајта“ му врачи отказ на тренерот Маркус Анфанг. Изненадувањето во оваа информација е што „јарците“ се лидери на табелата со 69 бода и речиси сигурно ќе играат во Бундеслигата следната сезона, но слабите резултати во изминатиов период му пресудија на германскиот стратег.

Во последните четири првенствени меча, Келн освои само два бода, а пред два дена загубија на домашен терен од Дармштат со конечни 1-2. И покрај тоа што имаат шест бода предност во однос на Хамбургер, сè уште постои страв во редовите на Келн дека ќе го загубат првото место на табелата во клучниот дел од сезоната.

За нивна среќа, ниту Хамбургер е во форма за да им пркоси за лидерската позиција. Во последните шест меча од шампионатот, ХСВ освои само три бода и испушти неколку шанси да ја направи трката за титулата понеизвесна.

Сега до крајот на сезоната, на клупата на „јарците“ ќе седи Андре Павлак, досегашниот тренер на младинскиот тим на Келн.

- Оглас -

Најнови вести