Има некоја тајна врска пееја легендарните рокери од Бјело Дугме и хитот од минатиот век речиси комплетно се вклопува во амбиентот пред мечот меѓу Словенија и Македонија, во недела во Љубљана од 20.45 часот.
Со Словенците имаме многу врски на фудбалски план, а пред се го паметиме историскиот прв меч како независна држава, во Крањ во 1993 година.
Незаборавна одисеја во Крањ, прв меч и победа во историјата на фудбалската репрезентација на Македонија
На покана на фудбалската федерација на Словенија во Крањ на 13. октомври 1993 година го одигравме првиот меч како независна држава, а на трибините имаше спектакл што го приредија нашите навивачи, грото од Словенија и околните земји.
Легендарниот Андон Дончевски како селектор ги поведе „рисовите“ во победнички бој, а ја декласиравме Словенија со 4:1.
Имавме страшна репрезентација, иако на почеток на авантурата, а на теренот хит беа Дарко Панчев, Зоран Чоко Бошковски, Чедомир Јаневски, Драган Канатларовски, Илија Најдоски, Бобан Бабунски и уште неколку врвни фудбалери и познати фудбалски фаци во Европа.
Бошковски во четвртата минута го постигна историскиот прв гол за Македонија. Потоа во листата на стрелците се запишаа и Панчев, Јаневски и Канатларовски. Имавме селекција гром, која ни донесе многу радост на премиерата во Крањ, а релациите се многу блиски со сегашната генерација предводена од Горан Пандев.
И сега имаме одлична генерација, која игра допадлив фудбал и има резултати, па очекуваме тие да го исполнат сонот што го најавија, но за жал не го остварија Панчев и неговата генерација.
Целје е првиот странски клуб на селекторот Ангеловски
Игор Ангеловски умешно го предводи националниот состав како селектор, а има убаво искуство од Словенија, бидејќи Целје му е првиот клуб за кој играше во странство.
Од 1998 до 2000 година Ангеловски беше член на словенечкиот прволигаш, каде пристигна од Цементарница. Одлично ги познава фудбалските состојби во Словенија, а од него и неговата тактика ќе зависат многу работи, утре на стадионот „Стожице“ во Љубљана.
Ало Хјустон, Несторовски и Трајковски ќе немаат проблем со Струна
Алјаж Струна има интересна кариера и стоперот на Словенците игра во МЛС лигата за Хјустон Динамо. Популарниот Кики особено добро го познава нашиот тандем од Палермо, Александар Трајковски и Илија Несторовски, бидејќи играа заедно во Палермо.
Пред четири месеци се разделија, откако Струна цели шест години беше член на клубот од Сицилија и долго играше заедно со Трајковски и нешто помал период и со Несторовски за Палермо.
И што е најинтересно, можно е утре токму Струна да биде задолжен да го чува Несторовски, кој му беше капитен во Палермо.
Матјаж Кек и Стефан Ристовски, тандем од Риека што ја урна империјата на Динамо Загреб
Сегашниот селектор на Словенија, Матјаж Кек и Стефан Ристовски, секако со останатите играчи на Риека приредија сензација во сезоната 2016/17 и ја освоија првата и историска титула за клубот од Кантрида, но во поново време со настапи на новиот стадион на Руевица.
Подвигот беше голем и сензационален, бидејќи успеаја да ја прекинат апсолутната доминација на моќниот во Хрватска, Динамо Загреб.
Здравко Мамиќ ја имаше и целата логистика зад себе, но Кек, Ристовски и останатите риечки јунаци не само што го освоија шампионатот, туку му ја „лапнаа“ на Динамо и двојната круна, со триумф и во националниот куп.
И Кек и Ристовски и целата генерација на шампионската Риека е запишана во историските книги на клубот, како прва што освоила титула во домашното првенство и двојна круна со триумф и во купот на Хрватска.
Елмас против Зајц, еден до друг во Фенербахче и еден против друг на „Стожице“
Елиф Елмас е македонскиот фудбалски бисер, раскошниот талент го потврди и со прекрасната игра и два гола против Летонија, а ќе бие интересна битка на „Стожице“ со својот соиграч од Фенербахче, Миха Зајц.
За турскиот гигант играат еден до друг на средината на теренот со Зајц, а утре ќе бидат големи ривали и од нивниот дуел во средниот ред може и да зависи исходот на мечот, втор квалификациски во Г групата за двете селекции кои сакаат да се пласираат на ЕП 2020 година.
И Зајц е еден од најталентираните словенечки репрезентативци, има 24 години, а во зимскиот преоден рок му стана соиграч на Елмас во Фенербахче.