На актуелниот светски првак Франција не му оди добро сезонава во Лигата на нациите. По четири кола, немаат ниту една победа и на Триколорите им се заканува опасност од испаѓање во Лига Б доколку вечерва не ја совладаат Австрија.
Французите ќе имаат големи мотиви да ја совладаат Австрија за да не се доведат во ситуација да стравуваат за опстанокот во Лига А. На Галските петли им одговара само победа и ништо друго и сигурно дека ќе тргнат со сите сили кон трите бода.
Традицијата исто така е во прилог на Франција. На последните четири домашни мечеви против Австрија, Франција има само еден примен гол. Победите беа од 3-1, 1-0, 2-0 и 1-0. Австријците не победиле во Франција од 1965 година наваму, и тоа тој меч беше пријателски.
Во јуни, кога Австрија беше домаќин, средбата заврши 1-1, Мбапе со гол во 83-тата минута спречи пораз на Франција. Сега Дидие Дешамп знае со каков незгоден противник си има работа и на „Стад д Франс“, домашните нема да се опуштат и ќе треба да покажат дека знаат да одиграат кога се под притисок дека мора да триумфираат.