33.8 C
Skopje
недела, 3 август 2025

Има нешто пострашно од поразот од Романија, прашање е дали лекцијата ќе биде научена

Македонската кошаркарска репрезентација со пораз стартуваше во претквалификациите за пласман на Светскиот куп 2027 година. Нашите кошаркари на свој терен во Куманово загубија од Романија со 72:80 и драстично ги намалија шансите да бидат на една од првите две позиции кои водат во квалификациите. Во група со Македонија е и Унгарија, селекција која е најдобро рангирана. Колку за информација, Романија е најслаборангирана е пет позиции послаба од Македонија на ранг листата на ФИБА, но гостите иако аутсајдери, се радуваа на триумф во Куманово.

Поразот и не е толку страшен, затоа што во спортот може да се загуби од секого. Оваа подмладена селекција не можеше да парира посебно во клучните последни минути кога се решаваше победникот.

По завршување на мечот, селекторот Марјан Илиевски потенцираше дека е „разочаран од синдромот на самоуништување“. Илиевски беше разочаран затоа што Романците биле подготвени за сите напади на Македонија, иако тие напади никаде претходно не биле покажани освен на двата пријателски меча против Швајцарија.

„Првите два меча во Гевгелија беа од затворен карактер, настојувавме да ги сочуваме видео-анализите, но Романците стигнаа подготвени за сите наши напади, што е разочарувачки за мене како македонски селектор“, рече Илиевски.

Е сега, прашање е како може Романците да ги „знаат и прочитаат“ нападите на Македонија, кога на дуелите против Швајцарија присуствувале само строго одбрани луѓе кои се од доверба на челниците на македонската федерација. Во една таква ситуација кога се има сомнеж дека се работи за „самоуништување“, мора да се направи детална истрага, дали и кој ги „издал“ видео снимките за да ги подготви Романците пред мечот.

Затоа што ако сега тоа не се реши, дали има „крт“ во македонската репрезентација и Федерација, може да се случи и пред наредните средби да се има сомнеж на ново „самоуништување“.

Второ, од патриотски аспект, секако поубаво делуваат новите дресови од кои е тргната придавката „Северна“ и сега стои само кратенката МКД. Но, збунувачки делуваше како на паното по средбата, на прес конференциката со големи букви стоеше придавката „Северна“, иако никој ниту бара ниту е задолжено на прес-конференција да стои официјалното име на државата.

Такви банери со придавката „Северна“ никогаш досега немало на прес конференциите на фудбалската или ракометната репрезентација. Во КФСМ очигледно уште се доследни да го користат официјалното име на државата.

Трето, македонската селекција на дуелот против Романија не беше во својот најдобар состав. Добар дел од кошаркарите кои до неодамна беа во националниот дрес, летово откажаа „љубов“ на репрезентацијата. Најразлични беа причините поради кои дел од кошаркарите не се одзваа на поканата на селекторот. Едноставно тоа е голем пораз за македонската кошарка, кога оние кои се сметаат за најдобри не сакаат да играат за Македонија.

Едноставно, Македонија синоќа во Куманово загуби на сите полиња. На спортски план бевме поразени од Романија, на планот на довербата во националниот состав очигледно „паднавме на испитот“ затоа што се зборување за „синдром на самоуништување“, а и кога се работи за патриотизмот, иако цело време во салата ечеа прекрасни македонски песни, по средбата, селекторот на прес конференцијата застана пред банер на кој стоеше придавката „Северна“, иако тоа никој не го бара, ниту е морално да го има.

ФОТО: Фејсбук/КФСМ

 

- Оглас -

Најнови вести