Икер Касилјас под истрага на португалската полиција

Португалската полиција со дозвола на португалското обвинителство започна голема акција во фудбалот, поради сомнение дека се „переле пари“. Запленети се голем број договори за застапувања на фудбалери, како и договори од трансфер на играчи. Истрагата ќе биде од меѓународен карактер затоа што е побарана соработка и од обвинителствата во Шпанија, Англија и Франција.

Полициската акција го носи името „Офсајд“, а засега се вклучени околу 300 полицајци кои досега пребарале вкупно 76 објекти, меѓу кои се 40 домови и пет адвокатски канцеларии. Истражителите ги прегледуваат договорите на фудбалерите и клубовите потпишани во последните пет години.

Претресени се и домовите на претседателите на португалските гиганти Спортинг, Порто и Бенфика, а полицијата влезе и во домот на легендарниот голман Икер Касилјас.

„Утрово државното обвинителство дојде во мојот дом, како и во 76 останати објекти и ми побара документација. Им ја дадов целокупната документација на располагање. Транспарентноста е еден од моите принципи“, напиша Касилјас на „Твитер“. Голманот кој 15 години беше во Реал Мадрид направи трансфер во Порто во 2015 година, а сега најавува дека сака да биде и кандидат за претседател на Шпанската фудбалска федерација.

Под истрага е и еден од најпознатите фудбалски менаџери, Жорж Мендеш, кој во својата агенција има ѕвезди како што се Кристијано Роналдо и Жоао Феликс.  Под истрага се вкупно 72 договори за 49-мина фудбалери, меѓу кои се и трансферите на Касилјас од Реал во Порто, на Џексон Мартинез од Порто во Атлетико Мадрид, на Нелсон Семедо од Бенфика во Барселона и на Ренато Санчез од Бенфика во Баерн Минхен.

 

- Оглас -

Најнови вести