Мислите на повеќето 14-годишници во светот се да се напише домашната задача или да играат видео игри со пријателите, но за фудбалскиот голман Семјуел Харви, тоа беше возраста на која го имаше своето меѓународно деби како репрезентативец на својата земја.
Младиот тинејџер минатиот месец стартуваше во А тимот на островите од Средна Америка, Туркс и Кајкос, во натпреварот од Лигата на нации во КОНКАКАФ зоната против Ангвила. Голманот на Ангвила имал 41 година и може слободно да му биде татко на Харви.
За жал за Харви, тој натпревар заврши со пораз од 2-0, но неговите соиграчи синоќа се реваншираа со победа од 2-1, а Харви не беше на голот.
„Плачев, бидејќи мојот прв натпревар беше со пораз. Тренерот ми се јави истата вечер за да ме советува да ја подигнам главата“, изјави Харви кој навива за Ливерпул, а фудбалски херој покрај Алисон Бекер му е селекторот Арон Лоренс, кој бранеше за Јамајка на Светското првенство во 1998 година.
Тинејџерот вели дека сестра му била таа која првпат го внела во фудбал на петгодишна возраст, но првично не играл како голман туку како бек.
Инаку, во малата островска земја Туркс и Кајкос нема голем избор на фудбалери, затоа и толку млади ги фрлаат во оган и дебитираат за националниот тим. Пред пет години, двајца играчи од оваа земја истотака заиграа на 14-годишна возраст.
Како светски рекордер за најмлад дебитант се води Лукас Кнехт кој во 1993 година имал 14 години два дена кога заиграл за Северни Маријански острови против Гуам.