Имаат девет победи во низа, но не ги фаќа еуфорија дека може да бидат шампиони

Лацио е тимот кој ја заврши 2019 година на најдобар можен начин, со титула во Суперкупот на Италија, победувајќи го Јувентус. Дека тој триумф на Небесносините воопшто не е случаен покажуваат резултатитево првенството на Италија.

Римјаните вчера со 2:1 победија на гости кај Бреша, иако домаќините имаа предност од 1:0. Лацио предводен од неверојатниот Чиро Имобиле направи пресврт. Голот за победа го даде во 91 минута. Со 19 погодоци Имобиле е прв стрелец не само во Серија А, туку и предводник во трката за „Златната копачка“.

Лацио има девет победи по ред во шампионатот и сега е на само три бода зад водечкиот двоец Интер и Јувентус. И покрај одличните игри, тренерот на Лацио, Симоне Инѕаги не верува дека неговиот тим може да се бори за освојување на Скудетото во Серија А.

„До последниот момент на мечот против Бреша верувавме дека ќе победиме. Дали може да го освоиме Скудетото? Наша цел не е титулата. Наша цел е да играме што е можно подобро на секој нареден меч. Освоивме два трофеи во последните пет месеци и навивачите сега очекуваат повеќе од нас. Мора да бидеме подобри и да се избориме за пласман во Лигата на шампиони за следната сезона“, рече Симоне.

 

- Оглас -

Најнови вести