19.8 C
Skopje
четврток, 17 јули 2025

Импресивната денешна победа на Погачар можеби го одлучи Тур де Франс на девет етапи до крајот

Трикратниот шампион на Тур де Франс, Словенецот Тадеј Погачар, со извонреден настап направи важен чекор кон освојување на четвртата титула по успехот на денешната 12-та етапа која се возеше од Ош до Утакам. 

За 26-годишниот Погачар, ова беше трета етапна победа на овогодинешниот Тур, а вкупно 20-та на трката околу Франција во кариерата.

На успехот на словенечкиот велосипедски феномен беше сведок и францускиот претседател Емануел Макрон, кој беше меѓу гледачите на етапата и ги чекаше возачите на целта.

Погачар на Утакам во 2022 го загуби Тур, а денеска зеде реванш, ја уништи конкуренцијата и на девет етапи до крајот создаде убедлива предност. Победата му ја посвети на 19-годишниот италијански велосипедист Самуеле Привитера кој вчера трагично го загуби животот на трката низ долината Аоста.

Победата го врати Погачар на врвот на генералниот пласман, облекувајќи ја жолтата маичка со огромна предност од над три и пол минути пред својот главен конкурент Јонас Вингегор.  

Во генералниот пласман, Погачар води со 3,31 минути пред Јонас Вингегор и 4,45 минути пред Ремко Евенепул. Утре се вози планински индивидуален хронометар. Етапата е долга само 10,9 километри, но со висинска разлика од 650 метри.

- Оглас -

Најнови вести