14.8 C
Skopje
понеделник, 25 август 2025

Ин Мемориам: Ѓорѓи Гроздановски – Моцарт

Денеска на 84-годишна возраст почина една од најголемите легенди на Пелистер и на ракометниот спорт на просторите на поранешна Југославија, Ѓорѓи Гроздановски – Моцарт, кој е синоним за РК Пелистер, за развојот на овој спорт и неговата трага е неизбришлива и неповторлива.

Во Пелистер работеше 59 години, менувајќи ги улогите, но не и љубовта и посветеноста кон клупските бои, луѓето, навивачите и приврзаниците на Пелистер.

Со ракомет почна да се занимава во 1955 година и професионално играше до 1962 година. Беше тренер на женска екипа од 1962 до 1965 година, а потоа кратко се занимаваше и со судење. Од 1971 до 2013 година беше генерален секретар на РК Пелистер.

Сите успеси на клубот во поранешна Југославија се поврзани со неговото име. Немерливи се заслугите на Ѓорѓи Гроздановски за промоцијата во Првата југословенска лига, за првиот настап во Европа, за сезоните во кои Пелистер се бореше за титулата со најдобрите екипи во најсилната светска лига.

Со него на чело започна доминацијата на Пелистер во македонското првенство, првиот натпревар во Лигата на шампионите, првиот натпревар на македонската репрезентација во историјата, одигран во нашата Битола.

Примерот на Ѓорѓи Гроздановски за посветеност кон клубот секогаш ќе остане на прво место во историја на Пелистер како пример и вредности за посветеност, професионалност, страст.

- Оглас -

Најнови вести