Во 78 година од животот почина основоположникот и легендарен претседател на РК Пелистер, Силјан Мицевски, пренесоа преку социјалните мрежи од актуелниот ракометен првак на Македонија.
„Силјан Мицевски е роден на 16 октомври 1945 година во Битола. Магистрирал во Софија, на отсекот Економија и менаџмент, со што се стекнал со титулата магистер по менаџмент. Со Мицевски како претседател Пелистер стана југсловенски гигант, се бореше со најдобрите европски екипи и постави култ каков што нема на овие простори, па и во Европа. Со Мицевски на чело Пелистер дојде на чекор до титула во најсилната лига во светот – југословенската лига, првпат играше во Европа, првпат за игра во Лигата на шампионите, освои пет титули шампион на Македонија и ја предизвика страста на цел еден град за ракометот, како култ на кој сите му завидуваат. Љубовта кон вистинските вредности и спортот ја пренесе на неговото семејство, кое и денес со успех го води клубот“, стои во дел од жалната вест која ја соопштија од битолскиот тим.