Вредноста на акциите на Манчестер јунајтед на берзата во Њујорк за само неколку часа загуби 18,2 отсто и тоа поради инаетот на сопствениците, американското семејство Глејзер.
По затворање на берзата, вредноста на акциите изнесуваше 19.35 долари (15,40 фунти), што е најмала откако Манчестер јунајтед пред 11 години се појави на берзата во Њујорк како акционерско друштво.
Вкупниот пад на вредноста на акциите достигна 638 милиони долари (550 милиони фунти), по што вредноста на сите акции на Црвените ѓаволи падна на само 2,9 милијарди фунти.
Падот на акциите се должи на одлуката на семејството Глејзер, да го продаде клубот дури идната година. Нивната проценка е дека сезонава ќе успеат да ги зголемат приходите од ТВ правата со што би можеле да бараат повеќе пари при продажбата.
Семејството Глејзер, одлуката да го стави на продажба Манчестер јунајтед ја објави во април годинава, и најзаинтересирани за купување се најбогатиот Британец, сер Џим Ратклиф и катарскиот шеик Јасим бин Хамад ал Тани кои нудеа пет милијарди фунти.
Но, актуелните сопственици прво побараа шест милијарди, а потоа ја кренаа цената и на неверојатни 10 милијарди фунти, што сега им се одби од глава бидејќи ниту Ратклиф ниту шеикот Јасим немаат намера да платат толкава сума.
Манчестер јунајтед во 2005 година за 790 милиони фунти беше купен од американскиот милијардер Малколм Глејзер. По неговата смрт во 2012 година, 90 отсто од акциите на Црвените ѓаволи ги презедоа неговите шест деца, но главниот збор го имаат само Аврам и Џоел Глејзер.