Индијана му зеде мерка на ЛА лејкерс со победата од 105:102 во еден од поинтересните натпревари кои се одиграа ноќеска во НБА-лигата. Индијанаполис е местото каде што се стави крај на извонредната серија на Езерџиите, кои по два месеци конечно загубија на гостински терен.
Во составот на Френк Фогел недостасуваше Ентони Дејвис, а Леброн Џејмс сам не можеше да се избори за нов триумф на неговата екипа. Кралот заврши со 20 поени, му недостасуваа по еден скок и асистенција за трипл-дабл учинок, а 20 поени реализира и Хауард. Сабонис ја предводеше Индијана со дабл-дабл од 26 поени и 10 скока, што е 11-ти двоен учинок за Литванецот во низа.
Клиперс лесно ги згаснаа Сонцињата со убедливиот триумф од 120:99. Во 21-вата победа на тимот кој го предводи Док Риверс, солидна партија одигра динамичното дуо Џорџ – Ленард со нивните 44 комбинирани поени, додека Феникс добро се држеше без најдобриот поединец во екипата Девон Букер.
Џорџ реализира 24 поени, Ленард четири помалку, а со 20 поени придонесе и Лу Вилијамс за новиот триумф. Во редовите на Санс се истакна младиот Ејтон со дабл-дабл од 18 поени и 12 скока.
Останати резултати од НБА лигата:
Шарлот хорнетс – Сакраменто кингс 110:102, Њујорк никс – Атланта хокс 142:120, Њу Орлеанс пеликанс – Бруклин нетс 101:108, Јута џез – Орландо меџик 109:102.