34.8 C
Skopje
недела, 13 јули 2025

Инфантино и фудбалските синдикати се договорија: 72 часа одмор меѓу натпревари и минимум 21 ден пауза по сезоната

Во Њујорк, непосредно пред финалето на Светското клупско првенство, се одржа значајна средба помеѓу претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, и претставници на меѓународните синдикати на фудбалери. Средбата резултираше со постигнување договор за заштита на здравјето и благосостојбата на фудбалерите.

Според официјалното соопштение на ФИФА, постигнат е консензус за минимум 72 часа одмор меѓу два натпревари, како и најмалку 21 ден одмор по завршувањето на секоја сезона.

„Има консензус дека треба да има најмалку 72 часа пауза меѓу два натпревари и дека играчите мора да имаат период на одмор или годишен одмор од најмалку 21 ден на крајот од секоја сезона. Овој период треба да се регулира индивидуално од секој клуб и секој играч, во согласност со натпреварувачкиот календар и колективните договори“, соопштија од ФИФА.

И покрај договорот, остануваат неодговорени прашања околу практичната примена на новите правила. На пример, европските клубови кои играат во Лига Европа доцна во четврток, најчесто имаат натпревари во националните лиги во недела. Според новите правила, можно е тие натпревари да се поместат за понеделник, што би предизвикало дополнителни организациски промени, посебно во лиги како Бундеслигата, каде не се играат натпревари во понеделник.

Со зголемениот број на натпревари и интернационални турнири, потребата за регулирана и загарантирана пауза станува најважна тема. Останува да се види како ќе реагираат клубовите и националните лиги на оваа иницијатива.

- Оглас -

Најнови вести