1.8 C
Skopje
петок, 23 јануари 2026

Инфантино им објасни на Американците: СП во фудбал е како 104 Супербоула!

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, зборуваше на Светскиот економски форум во Давос, настан во швајцарскиот град каде што политичките и економските лидери се собираат за да разговараат за макро трендовите во меѓународната геополитика.

„Економското влијание на Светското првенство во 2026 година ќе биде околу 80 милијарди долари. Зборуваме за 825.000 работни места, повеќе од 20 милијарди долари плати. Ќе има огромно влијание врз трите земји домаќини: САД, Канада и Мексико. Ова ќе биде првото Светско првенство со 48 екипи – речиси една четвртина од сите национални екипи во светот. Ќе се играат 104 натпревари на 16 неверојатни стадиони. Околу 7 милиони гледачи ќе бидат на стадионите, а околу 6 милијарди луѓе ширум светот ќе гледаат на телевизија. Тоа е како 104 Супербоули за еден месец“, рече Инфантино.

Првиот човек на светската фудбалска федерација кажа и дека по почетокот на продажбата на билети пред четири недели, добиле над 500 милиони барања. Во речиси 100-годишната историја на Светското првенство, ФИФА продаде вкупно околу 50 милиони билети.

„Кога бев уште млад, многу брзо сфатив дека моите фудбалски вештини никогаш нема да ми дозволат да го допрам овој трофеј како победник на Светското првенство. Затоа морав да најдам друг начин и решив да станам претседател на ФИФА. За конечно да можам да ја имам привилегијата и честа да го допрам овој магичен трофеј, највредниот во светскиот спорт“, рече Инфантино со насмевка.

 

- Оглас -

Најнови вести