Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, останува на функцијата и во наредните четири години.
Инфантино денеска без противкандидат и со акламација е реизбран на функцијата на 73-тиот Конгрес на ФИФА што се одржа во Кигали, Руанда.
Швајцарецот, кој ја извршува оваа функција од 2016 година, би можело да остане на чело на ФИФА до 2031 година, иако според статутот на Светската куќа на фудбалот, стои дека едно лице може да биде претседател во три мандати.
Но, неговиот прв мандат, кој траеше три години, се смета за нецелосен и поради тоа Инфантино би имал право повторно да се кандидира и во 2027 година.
„Ве сакам сите“, беа првите зборови на Инфантино по реизборот.
Главните проекти на ФИФА за следните неколку години се веќе одобрени, почнувајќи од Светското првенство во 2026 година, чии домаќини ќе бидат САД, Канада и Мексико и каде што бројот на репрезентации ќе се зголеми од 32 на 48.
Форматот на тоа натпреварување беше претставен на почетокот на неделава, а на следното СП ќе има 12 групи со по четири екипи.
Инфантино најави дека главниот проект на ФИФА во следниот период ќе биде да се создаде ново Светско клупско првенство кои ќе се одржува на секои четири години и на кое ќе учествуваат од 24 до 32 екипи.