Инфантино повика на примирје во Украина додека трае Мундијалот во Катар

Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, повика на едномесечен прекин на војната во Украина додека трае Светското првенство во Катар.

„Мојот апел до сите е да размислат за едномесечно примирје додека трае Светското првенство“, рече Инфантино за време на состанокот со лидерите на Г20 најразвиени земји во светот што се одржува во Бали, Индонезија.

Инфантино во својот говор пред политичките лидери потсети дека Русија го организираше последниот Мундијал во 2018 година, а дека Украина, заедно со Шпанија и Португалија, е кандидат за органзатор на СП што треба да се игра во 2030 година.

„Не сме толку наивни за да мислиме дека фудбалот може да ги реши светските проблеми. Но, Светското првенство нуди единствена платформа со околу пет милијарди гледачи. Да ја искористиме оваа можност да направиме сè што е можно за да ставиме крај на сите конфликти“, рече првиот човек на ФИФА.

Светското првенство во Катар почнува в недела, а во првиот натпревар се среќаваат домаќинот и Еквадор.

- Оглас -

Најнови вести