Инфантино се вади за срамното селфи до ковчегот на Пеле: Не беше моја идеја, само им помогнав на неговите соиграчи (Фото)

Џани Инфантино, првиот човек на ФИФА, направи нова од серијата глупости во последно време, а по селфито што го направи пред ковчегот на легендарниот ас Пеле, безмилосно беше критикуван на социјалните мрежи.

Инфантино беше фотографиран до ковчегот на Пеле, чиј погреб е во тек, како си прави селфи.

Откако ги виде огромните размери на негативните реакции, Инфантино се обиде да се вади со опширно писание на „Инстаграм“ во кое како најважно истакнува дека селфито не било негова идеја, туку бил замолен од дел од соиграчите на Пеле, кои исто како и тој пристигнаа на погребот на 82-годишната светска фудбалска легенда.

„Ги видов реакциите и морам да кажам дека членови на семејството и некогаши соиграчи на Пеле ме замолија да направам заедничка фотографија и јас со задоволство прифатив. Што се однесува до селфито, соиграчите на Пеле сакаа да направат фотографија самите, но не знаеја како и јас им помогнав. Тоа е вистината“, е дел од објаснувањето на првиот човек на ФИФА.

Погребот на Пеле, кој почина во болница во Сао Паоло на 82-годишна возраст, е во самиот финиш откако мина церемонијата на стадионот на Сантос, Вила Белмиро и низ улиците на Сантос, па поворката се упати кон вечното почивалиште, каде што ќе биде погребан само во присуство на семејството.

- Оглас -

Најнови вести