Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, вчера најави вистинска фудбалска револуција и промена што драстично ќе ја промени најважната споредна работа на светот.
Имено, првиот човек на светскиот фудбал сака радикално да го промени правилото за офсајд во иднина, со цел фудбалот да биде пофер и попривлечен за гледачите.
Како што истакна Швајцарецот, воведувањето на ВАР-технологијата имаше цел да им помогне на судиите да ги исправат очигледните грешки што се видливи за милиони луѓе ширум светот. Инфантино верува дека „милиметарските“ одлуки за офсајд доведоа до фрустрации кај играчите, тренерите и навивачите.
Поради ова, ФИФА сериозно ја разгледува идејата офсајд да постои и голот да биде поништен само ако напаѓачот е целосно пред последниот дефанзивец, а не само со минимален дел од телото.
Оваа промена би донела повеќе голови, помалку контроверзии и појасни одлуки, што би го зачувало духот на играта, но и би ги искористило предностите на модерната технологија.
Доколку предлогот биде усвоен, фудбалот каков што го знаеме би исчезнал, а најпопуларниот спорт на планетата би влегол во сосема нова ера.

