ФИФА во вторникот навечер соопшти дека очекува репрезентацијата на Иран да добие дозвола за влез во Соединетите Американски Држави и да учествува на Светското првенство, и покрај војната што се води меѓу двете држави.
Иран треба да игра во Инглвуд, Калифорнија, против Нов Зеланд на 15 јуни и против Белгија на 21 јуни, пред групната фаза да ја заврши со натпревар против Египет во Сиетл на 26 јуни. САД се домаќини на Мундијалот заедно со Канада и Мексико во периодот од 11 јуни до 19 јули.
Иранските официјални претставници во последно време сугерираа дека учеството на нивната репрезентација е под знак прашалник поради војната.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, изјави дека во вторникот навечер се сретнал со претседателот Доналд Трамп за да разговараат за статусот на подготовките за Светското првенство и дека добил уверување дека на Иран ќе му биде дозволено да дојде во САД.
„Разговаравме и за актуелната ситуација во Иран и фактот дека иранската репрезентација се квалификуваше за учество на Светското првенство на ФИФА 2026. За време на разговорот, претседателот Трамп повтори дека иранската репрезентација, секако, е добредојдена да се натпреварува на турнирот во Соединетите Држави“, изјави Инфантино.
Инфантино има блиски односи со Трамп, кој ја доби и инаугуралната награда на ФИФА за мир – признание за кое многумина веруваат дека Светската фудбалска организација го креирала токму имајќи го Трамп на ум.
На навивачите од Иран претходно им беше забранет влез во САД во првата верзија на забраната за патување што ја објави администрацијата на Трамп.
„На сите ни е потребен настан како Светското првенство на ФИФА сега, повеќе од кога било, за да ги обедини луѓето“, порача Инфантино, додавајќи дека му се заблагодарува на Трамп „за поддршката“.
Претходно оваа недела, оперативниот директор на Светското првенство во ФИФА изјави дека турнирот е „преголем“ за да биде одложен поради глобалните потреси предизвикани од војната меѓу САД и Израел против Иран.
Директорот Хајмо Ширги рече дека ФИФА и понатаму внимателно ја следи ситуацијата со војната во Иран.
„Во суштина, ситуацијата ја следиме од ден на ден и во еден момент ќе имаме решение. А Светското првенство, секако, ќе се одржи, нели? Светското првенство е преголемо и се надеваме дека сите што се квалификуваа ќе можат да учествуваат“, изјави Ширги.

