Интер подготвува стратегија за евентуална замена на искусниот голман Јан Зомер, кој иако има договор до 2026 година, може да го напушти клубот ова лето поради интерес од Галатасарај, како и клубови од Саудиска Арабија и од Премиер лигата.
Во фокусот на Нераѕурите е 23-годишниот Марко Карнезеки од Аталанта, кој се смета за приоритетна цел ако Зомер замине. Сепак, за Карнезеки интерес покажува и Манчестер јунајтед, па Интер може да се соочи со сериозна конкуренција.
Паралелно со оваа можност, Интер веќе воспоставил прелиминарен контакт со агентот на Џанлуиџи Донарума, во обид да испита дали би била можна негова преселба од Пари Сен Жермен. Но, ваквата зделка би била исклучително комплексна поради високата плата на Донарума и неизвесната подготвеност на ПСЖ да се откаже од него.
Опцијата за ангажман на Марк-Андре тер Штеген од Барселона е целосно отфрлена, бидејќи платата на германскиот голман е над можностите на клубот од Милано.