Интер и Манчестер јунајтед се согласија за договор според кој Алексис Санчес во новата сезона ќе го носи дресот на италијанскиот тим. Според најавите од Англија, двата клуба веќе ги договориле сите детали, а голгетерот треба да пристигне на „Џузепе Меаца“ како позајмен играч.
Десетмесечната позајмица ќе го чини Интер околу шест милиони фунти, а интересно е тоа што по завршување на позајмицата нема опција за откупување на договорот. Санчес денеска треба да пристигне во Милано и да ги помине лекарските прегледи, а потоа и официјално да биде преставен во новиот тим.
Чилеанецот едноставно не ја доби вистинската шанса на „Олд Трафорд“, а менаџерот Оле Гунар Солскјер најави дека нема да смета на неговите услуги, иако се работи за играчот со најголема плата во клубот. Санчез е вториот напаѓач кој од Манчестер заминува во Интер за само неколку недели. Претходно, за сума од 73 милиони фунти, Ромелу Лукаку ги напушти Црвените ѓаволи и го облече дресот на некогашниот италијански и европски првак. Во првиот официјален меч за новиот клуб, Лукаку даде и гол во дуелот против Лече.