Фудбалерите на Интер славеа во дербито на 22-то коло во Серија А против Фиорентина и се вратија на лидерската позиција на табелата.
Интер сега има 54 бода и го прескокна Јувентус кој има бод помалку, но и натпревар повеќе од Нераѕурите.
Нераѕурите четврта година по ред се радуваат на „Артемио Франки“ во Фиренца, а вечерва славеа со минимални 1:0.
Човек на одлука беше Лаутаро Мартинес кој единствениот гол го постигна во 14-та минута.
Но, навивачите на Интер го слават голманот Јан Зомер кој имаше неколку одлични интервенции во второто полувреме кога Виолетовите доминираа и се обидуваа да дојдат до израмнување. Згора на тоа, Зомер во 76-та минута го спаси Интер бранејќи го ударот од белата точка на Нико Гонзалез.
Интер во следното коло кое ќе се игра идниот викенд го очекува големото дерби, популарното Дерби Италија против Јувентус.