Фудбалерите на Интер ја остварија најубедливата победа сезонава во Серија А со која скокнаа три места на табелата и сега се четврти.
Нераѕурите на „Џузепе Меаца“ им приредија вистинско шоу на своите навивачи декласирајќи ја Болоња со 6:1. Резултатот го отвори Лукојанис во 22-рата минута, но тоа беше сè што направија гостинските фудбалери.
Един Џеко во 26-тата минута израмни и со 36 години и 237 дена стана вториот најстар стрелец за Интер во Серија А, по Синиша Михајловиќ (37 години и 47 дена). Победата за Интер ја обезбедија Димарко со два гола, а по еднаш во листата на стрелци се запишаа Лаутаро, Чалханоглу и Госенс.
Сигурен настап пред своите навивачи имаа и Торино и Фиорентина. Торино со головите на Радоњиќ и Влашиќ ја победи Сампдорија, додека Фиорентина со 2:1 славеше над Салернитана.