Интер Мајами претрпе пораз од 3-5 на домашен терен против Чикаго фајер во 32-рото коло од МЛС-лигата на САД. Двата тима одиграа вистинска голеада, но гостите ја имаа иницијативата и успеаја да ја наметнат својата игра и покрај напорите на Лионел Меси и останатите негови соиграчи.
Чикаго поведе со два гола по прецизните удари на Же Д’Авила во 11-тата минута и на Џонатан Дин во 39-тата минута.
Интер го намали заостанувањето преку Томас Авилес, но пред самиот крај на првото полувреме Роминиг Н’Гесан зголеми на 1-3.
Момците во розево излегоа мотивирани на стартот од вториот дел и успеаја да израмнат со два погодоци на Луис Суарес во 57-мата и во 74-тата минута.
Сепак, во самиот финиш Чикаго ги освои трите бода со два брзи гола на Џастин Рејнолдс во 80-тата и на Брајан Гутиерес во 83-тата минута.
Овој пораз го остави Интер Мајами на четвртото место во Источната конференција со 56 поени, но и натпревар помалку. За Чикаго победата беше од огромно значење во борбата за пласман во плејофот, со тоа што сега се наоѓаат на осмата позиција со 51 поен. Лидер е Филаделфија унион со 63 поени.