Интер ќе доведе светски шампион од Атлетико Мадрид

Фудбалерите на Интер се подготвуваат за финалето од Лигата на шампионите против ПСЖ, каде што ќе се обидат да стигнат до европска титула по пауза од 15 години.

Паралелно со подготовките, клубот активно работи и на летниот трансфер-пазар, кој официјално започнува на 1 јули. Нераѕурите имаат потреба од освежување во тимот, а неколку имиња веќе се поврзуваат со преселба на „Џузепе Меаца“.

Последниот за кого италијанските медиуми пренесуваат дека се водат преговори е аргентинскиот играч за врска на Атлетико Мадрид, Родриго де Пол.

Аргентинецот не е непознат за Серија А, во минатото настапуваше за Удинезе цели пет години. Интересен е фактот што и тој, како и капитенот на Интер, Лаутаро Мартинес, во Италија пристигна од Расинг клуб.


Де Пол е незаменлив дел од репрезентацијата на Аргентина, со која ги освои Светското првенство и две титули на Копа Америка.

Неговата моментална вредност се проценува на околу 25 милиони евра, а со оглед дека му преостанува уште една година од договорот со Атлетико, спортскиот директор Бепе Марота сигурно ќе се обиде да го искористи тоа во преговорите.

Де Пол имаше многу поофанзивна улога во Удинезе отколку во Атлетико, каде што е главно ангажиран со дефанзивни активности во средниот ред. За Удинезе одигра 184 натпревари, постигна 34 гола и запиша 37 асистенции. Во Атлетико, иако има само три натпревари помалку, бројките се значително помали, 14 гола и 25 асистенции.

- Оглас -

Најнови вести