Фудбалерите на Ред Бул Њујорк го декласираа Интер Мајами со 4:0 во шестото коло од МЛС-лигата и покажаа дека тимот од Флорида не е толку страшен кога не игра Лионел Меси.
Ова беше трет натпревар на Интер Мајами без Лионел Меси кој доби одмор од тренерот Тата Мартино по повредата на мускулот на ногата и тоа се одразува на резултатите на екипата. Интер има една победа и два порази без Меси во тимот.
Утринава на Интер Мајами му пресуди неговиот поранешен играч, Луис Морган. Фудбалерот кој во претходните две сезони настапуваше токму за Интер Мајами, утринава постигна хет-трик во дресот на Ред Бул Њујорк.
Уште еден играч беше одличен, Белгиецот Данте Везир кој имаше дури четири асистенции. Покрај Морган, во листата на стрелци се запиша и Викелман Кармона.
На Интер не му помогнаа Суарес, Алба и Бускетс кои настапија на мечот, а екипата по шест кола има три победи, едно реми и два порази.