Интер Мајами го отвори новиот стадион, Меси има своја трибина, се знае кој го даде првиот домашен гол (Видео)

По 13 години чекање и сонување, Интер Мајами конечно доби свој дом. Актуелниот шампион во МЛС првенството во САД, го одигра првиот натпревар на новиот стадион кој има капацитет од 26.700 гледачи, а се наоѓа во близина на аеродромот во Мајами. Еден од најсреќните беше Дејвид Бекам кој е сопственик на Интер Мајами.

„Кога пред 20 години дојдов во САД, мојот сон беше да го освојам првенството, да го популаризирам фудбалот тука и да создадам свој клуб. Пред 13 години одбрав тоа да биде Мајами. Немавме ни име за клубот, Немавме навивачи, немавме свој стадион. Сега, стадионот е наш. Стоиме на нашиот нов дом и тоа како шампиони во МЛС. Во тимот го имаме и најдобриот играч во историјата на фудбалот. Сонот навистина може да стане јаве“, задоволно коментираше Бекам.

Интересно е дека една од главните трибини на новиот стадион го носи името „Лионел Меси“ во чест на аргентинскиот виртуоз кој го препороди клубот и е најзаслужен што сега тие се шампиони во САД.

„Ова е голем ден за клубот“, рече тренерот на Интер Мајами, Хавиер Маскерано.

Сепак, првиот меч за Интер не помина перфектно затоа што ремизираа 2:2 против тимот на Остин. Првиот гол на новиот стадион го постигна Гилерме Биро по само шест минути игра, но веднаш потоа возврати Лионел Меси кој даде гол со глава. Многу очекувано беше дека токму Меси ќе биде првиот стрелец за Интер Мајами на нивниот нов дом.

Во второто полувреме гостите повторно поведоа со 2:1, но Луис Суарес во 81 минута израмни на 2:2.

- Оглас -

Најнови вести