Интер Мајами и Меси преговараат за нов договор: Целта е Лео да го отвори новиот стадион во 2026 година

Лионел Меси и Интер Мајами започнаа разговори за продолжување на договорот на аргентинската суперѕвезда, чиј актуелен договор истекува на крајот на сезоната.

Меси пристигна во САД летото 2023 година, а една година подоцна изјави дека Интер Мајами ќе биде неговиот последен клуб во славната кариера. Клубот сака по секоја цена да го задржи својот најголем ас.

Според „ЕСПН“, двете страни веќе се во напредна фаза на преговори за нов договор. Актуелниот договор на Меси е потпишан во јули 2023 година и важи две и пол години, надвор од ограничувањата за плата што ги поставува МЛС лигата.

Интер Мајами има амбициозни планови, во 2026 година треба да биде отворен новиот стадион на клубот, а желба на раководството е Меси да го предводи тимот на отворањето.

Сопственикот Хорхе Мас во јуни изјави:

„Веќе кажав, моја желба е најголемиот број 10 во историјата да го отвори новиот стадион во март 2026. Но, одлуката е на Лео.“

Од доаѓањето во Интер Мајами, Меси донесе историски успеси: го освои Купот на лигата (2023) и Супортерс шилд (2024), а на Светското клупско првенство стигна до осминафиналето.

Во 38 натпревари во МЛС лигата, Меси постигна 31 гол и забележа 22 асистенции, поставувајќи рекорди и станувајќи клучна фигура во историјата на клубот.

- Оглас -

Најнови вести