Интер се прости од трката за титулата во Италија, а до крајот на шампионатот може да се случи Нераѕурите да не бидат ниту на второто место. Гигантот од Милано синоќа на својот стадион „Џузепе Меаца“ одигра само 0:0 против Фиорентина и сега падна на третото место на табелата со 73 бода, еден помалку од Аталанта.
Тренерот на Интер, Антонио Конте кој дојде пред почетокот на сезоната, не беше многу разочаран што неговиот тим го загуби второто место затоа што неговата цел било освојување на титулата.
„За мене второто место е потполно безначајно. Тоа е само прво место за лузерите. Нема да се задоволам со тоа да бидам второ место. Не сакам ни моите фудбалери да бидат втори“, рече Конте по неуспехот да го симне Јувентус од тронот во Серија А.
Без разлика на резултатите во последните три кола, Интер има обезбедено сигурно место во групната фаза од Лигата на шампионите за следната сезона. Оваа сезона Интер беше дел од ЛШ, но не успеа да ја помине ни групната фаза.