Раководството на Интер одново ќе се обиде да преговара со претставниците на Лука Модриќ околу евентуален ангажман. Миланскиот клуб по секоја цена сака да го види најдобриот фудбалер во светот за 2018 година во сино-црниот дрес, потврдија италијанските медиуми.
Имено, Модриќ е во лоши односи со тренерот на „кралевите“, Хулен Лопетеги, и се сомнева во неговото раководење со екипата, а, исто така е влошена комуникацијата со претседателот Перез, па се шпекулира дека оваа сезона ќе биде негова последна во дресот на актуелниот европски првак.
Меѓутоа, за да им се оствари желбата, Интер прво треба да го сочека Реал Мадрид да ангажира нова ѕвезда, односно „галактико“, за шпанскиот гигант да се ослободи од нивниот извонреден плејмејкер.
Во текот на летото, неуспешниот обид на Интер да го купи Модриќ го вознемири таборот на Реал, па шпанскиот клуб ја притискаше ФИФА да го казни италијанскиот клуб, а во неколку наврати го критикуваа Интер преку медиумите за непрофесионален пристап и нерегуларен обид да го присвојат Хрватот.