Фудбалерите на Интер славеа со 1:0 над Милан во градската дерби пресметка од 21-то коло во Серија А.
Нераѕурите беа подобар тим и сосема заслужено славеа во популарното „Дерби дела Мадонина“, а триумфот ги искачи на второто место на табелата со 43 бода, дури 13 помалку од лидерот Наполи, кој, пак сигурно чекори кон титулата.
Ова е втора победа на Интер над Милан во изминатите две недели, миланските екипи играа во италијанскиот Суперкуп и Нераѕурите славеа со убедливи 3:0.
Милан од друга страна, ја продолжи црната серија без победа која трае точно еден месец, и падна на шестото место на табелата со 38 бодови. Росонерите барем ја поправија и играта во одбраната бидејќи вечерва примија само еден гол, додека во претходните два дуели во Серија А, примија девет гола, четири од Лацио и пет од Сасуоло.
Lautaro goal to give Inter Milan the lead. 1-0.pic.twitter.com/yLuwMzF2qa
— $ (@samirsynthesis) February 5, 2023
Единствениот гол на натпреварот го постигна Лаутаро Мартинез во 34-та минута кој најдобро се снајде во шеснаесетникот на Милан по корнерот што го изведе Хакан Чалханоглу.
Интер во следното коло ќе и гостува на Сампдорија, додека Милан ќе се обиде да ја прекине црната серија без победа која трае од 4. јануари против Торино.

