Интер би можело да се насочи кон ангажман на Џејдон Санчо од Манчестер јунајтед, доколку не успее да го реализира трансферот на Адемола Лукман од Аталанта, пренесува „Газета дело Спорт“.
Санчо не се наоѓа во плановите на новиот менаџер на Манчестер јунајтед, Рубен Аморим. Англискиот крилен напаѓач минатата сезона беше на позајмица во Челзи, но и таму не остави силен впечаток. Со оглед на тоа што неговиот договор истекува во јуни следната година, Црвените ѓаволи мораа да го продадат уште летово доколку сакаат да заработат од неговиот трансфер.
Германските медиуми неодамна објавија дека Санчо посакува враќање во Борусија Дортмунд, клубот што го донесе во 2017 година од младинскиот состав на Манчестер сити. Наводно, 24-годишниот офанзивец е подготвен да ја преполови својата плата и да прифати осум милиони евра по сезона, исто колку што заработува капитенот на Дортмунд, Емре Џан.
Во четири сезони на „Сигнал Идуна парк“, Санчо одигра одлично, постигна 50 гола и запиша 64 асистенции. Во летото 2021 година му беше продаден на Манчестер јунајтед за 85 милиони евра, но на „Олд Трафорд“ никогаш не ги исполни очекувањата и не успеа да ги повтори блескавите настапи од Бундеслигата.