Пјеро Аузилијо ги разреши сите дилеми околу евентуалниот трансфер на германскиот репрезентативец Тимо Вернер на „Џузепе Меаца“.
Спортскиот директор на Интер вели дека имало интерес за ангажман на вториот најдобар стрелец во Бундеслигата, но и дека конкретни чекори немало, пред сè поради цената.
Лајпциг веќе објави дека нема да попушти и да се ценка за продажба на Вернер и ќе бара да се плати отштетата што изнесува 55 милиони евра и е наведена во договорот што го има со напаѓачот.
„Вернер нема да дојде во Интер од неколку причини. Прво нема никакви преговори, а второ цената е превисока и се инсистира да се плати отштетата. Отприлика знаеме и што сака Вернер, па можам да кажам дека под такви услови нема шанса да го ангажираме“, изјави Аузилијо.
За Вернер, пред сè, заинтересиран беше Ливерпул. Јирген Клоп го сака сонародникот кај себе во таборот на лидерот во Англија, но ни тој, ниту Управата на клубот не сакаат да платат 55 милиони евра отштета.
Вернер игра одлична сезона и со 24 гола е втор стрелец во Бундеслигата, зад лидерот Роберт Левандовски со 27 погодоци.