Дербито на вечерта во Лигата на шампиони се игра на „Камп ноу“ во Барселона. Каталонскиот гигант е домаќин на Интер во меч на којшто ќе се вратат спомените од нивната последна средба на овој терен во 2010 година. Тогаш Барселона победи со 1-0, но Интер се радуваше бидејќи тоа беше реванш од полуфиналето од ЛШ, а на Каталонците им беше потребна победа од два гола.
Кога игра на свој терен, Барселона е речиси перфектна. Каталонците победиле на 25 од последните 27 средби пред своите навивачи, а имаат и две нерешени без пораз. Во овој период, Барселона на своите фанови им понуди да се радуваат на 85 погодоци, а примија само 13 голови.
Последен пат Барселона на домашен терен во ЛШ загуби во мај 2013 година од Баерн Минхен, и тоа убедливо со 3-0. Сепак, по тој неуспех, Барса нареди 27 средби во кои имаше речиси перфектен биланс, што треба да го плаши Интер. Голем проблем за домаќините може да биде неиграњето на капитенот Лионел Меси, но Барса треба да докаже дека и без Лео може да победува.