Интер пропушти шанса да се искачи на лидерското место во Серија А откако на гостувањето кај Болоња загуби со 2:1. Почетокот на дуелот не навестуваше дека Интер може да загуби затоа што гостите по неполни три минути, поведоа со погодокот на Иван Перишиќ.
Болоња, која е сигурна на средината на табелата, не се предаде. Марко Арнаутовиќ израмни со погодок во 28-мата минута, а потоа следуваше офанзива на Интер речиси во целиот дуел.
Сепак, наместо гол на Интер, се случи спротивното. Во една од ретките преселби на противничката половина, Болоња стигна до 2:1, и тоа најмногу благодарение на голманот на Интер, Јонут Раду.
Непосредно пред мечот, првиот голман на Интер, Самир Хандановиќ, се пожали на болки во грбот, па Раду доби шанса да брани и не ја искористи. На една повратна топка, Раду реагираше почетнички, а Никола Сансоне го искористи подарокот и погоди за 2:1 за Болоња во 82-рата минута.
По овој кикс, Интер остана на второто место на табелата со 72 бода, два помалку од градскиот ривал Милан, кој има 74 бода. Во последните четири кола овие два тима ќе се борат за Скудетото, а Милан сега е во пол-позиција.