Интересен коментар на Гвардиола за убиството на навивач на АЕК: Пола свет умира од глад, пола од холестерол

Менаџерот на Манчестер сити, Хосеп Гвардиола, даде свој коментар за навивачкото насилство кое ја зафати Европа и кое минатата недела резултира со смртта на 29-годишниот навивач на АЕК Атина, Михалис Кацурис.

Гвардиола по триумфот над Севиља во европскиот Суперкуп кој се играше во Атина, беше запрашан за коментар во врска со убиството на навивачот на АЕК Атина и Шпанецот даде интересен одговор.

„Насилството не е проблем на фудбалот туку на целото општество. Тоа што се случи во Грција, се случува и во другите земји. Тоа е прашање на култура и образование, професорите и наставниците треба да бидат подобро платени, тие кои работат во здравството исто така мора да имаат поголеми плати, но, за жал, не е така. Тие кои се на власт крадат и на сите им ја отежнуваат ситуацијата. Расизмот не е проблем на фудбалот туку на општеството и него го има насекаде. Исто така насилството го има насекаде. Зошто е така? Затоа што разликата меѓу богатите и сиромашните е преголема и не постои средна класа која би ги балансирала работите. Нееднаквоста создава проблеми. Половина планета умира од глад, а половина од холестерол“, изјави Гвардиола.

- Оглас -

Најнови вести