Интервју со Пандев на клупскиот канал на Џенова: Сопругата Надица го победи фудбалот, најубав гол е легендарниот против Јувентус (Видео)

Горан Пандев беше гостин на клупската телевизија на Џенова и во 15-минутно интервју раскажа дел од секвенците во фудбалската кариера, што е фантастична.

Сопругата Надица и приказната како се запознале е интересна, а Пандев вели дека таа успеала за момент да го победи фудбалот.

„Сакав само да играм фудбал, не ме интересираше ниту училиште, ниту девојките премногу. Сепак Надица е мојата животна сопатничка, мојата љубов, а не запозна еден заеднички пријател. Имам прекрасно семејство и три деца што се родени во Италија. Филипо во Милано, Ана во Неапол и Софија во Џенова“, раскажа Пандев за ТВ Џенова.

Посакува што побрзо да пројде пандемијата со Ковид-19, а со насмевки реагираше на познатата Пандевманија, епитет што го доби како симбол на заедништвото и успесите со македонската репрезентација.

„Посакувам што побрзо да заврши кризата со Ковид-19 и да се врати публиката на трибините. Македонија ќе игра за првпат на големо натпреварување, со што ми се исполни сонот, а се надевам дека ќе можат и нашите навивачи да не бодрат на ЕП и заедно да се радуваме“, додаде Пандев.

Во богатата кариера постигна многу голови, ги има 98 во Серија А, проткаени со сите можни титули, а издвои два кои се паметат.

„Секако дека го паметам голот за Лацио против Јувентус, кога ги издриблав Турам и Канаваро и го совладав Буфон, а драг ми е погодокот за Џенова со лоб-удар против Верона“, истакна капитенот на македонската репрезентација.

Задутре со Џенова, популарниот Гоче ќе гостува во Милано на дуел со гигантот Милан, а мечот ќе се игра на „Сан Сиро“ од 12.30 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести