Интер утревечер ќе се обиде да избори пласман во своето второ финале од Лигата на шампионите во последните три сезони, а противник им е Барселона во реванш-мечот од полуфиналето. Првиот дуел заврши драматично со 3-3, што го прави натпреварот на „Џузепе Меаца“ уште поважен.
Тренерот на Симоне Инзаги на официјалната прес-конференција истакна дека неговиот тим е подготвен, но ќе треба да одигра фантастично за да ја елиминира Барселона.
„Очекувам силен Интер. Свесни сме за важноста на натпреварот. Ќе ни треба фантастично издание против многу квалитетен противник. Треба да бидеме концентрирани и јасни во нашите постапки.“
Настапот на капитенот Лаутаро Мартинес е максимално неизвесен.
„Ќе донесеме одлука заедно со стручниот штаб и самите играчи. Лаутаро не тренирал од првиот меч со Барса. Ако не може да почне од првата минута, тешко дека ќе може да помогне и подоцна“, истакна тренерот на Интер.
Има и план како да го сопре Ламин Јамал, суперталентираниот фудбалер на Барселона.
„Ќе се обидеме да не му дозволиме често да ја добива топката, иако тоа е речиси невозможно. Ќе биде двојно чуван, ќе му посветиме посебно внимание. Тој е исклучителен талент – најмногу ме воодушевува неговата брзина на размислување“, заврши Симоне Инзаги.
Интер и Барселона влегуваат во реваншот целосно отворено, а мали детали може да решат кој ќе патува во финалето.