Интер го одбрани тронот во Купот на Италија, а тоа беше трет трофеј за Симоне Инѕаги во тренерската кариера. Пред Инѕаги сега се само Ериксон, Алегри и Манчини, коишто имаат по четири титули во Купот на Италија, што значи дека уште има предизвици пред стратегот на Интер.
Нераѕурите сега треба во првенството да го осигураат местото во Лигата на шампионите за следната сезона, а потоа ќе бидат во трка за уште еден трофеј, и тоа во елитното натпреварување на УЕФА, а противник ќе им биде Манчестер сити.
„Среќен сум затоа што посакувавме да го освоиме овој трофеј, на кој се радувавме и минатата сезона. Фиорентина покажа дека е квалитетен тим кој ни создаде многу проблеми. Започнавме лошо во финалето, имавме погрешен пристап, но потоа момците покажаа дека може да се вратат и да го свртат резултатот во наша корист. Пред нас се два меча во Серија А, а потоа следува финалето во Истанбул. Сакам оваа прекрасна сезона да продолжи“, вели Инѕаги.