Иранците со апел до ФИФА: Исфрлете ја нашата репрезентација од Мундијалот!

Светското фудбалско првенство во Катар започнува точно за еден месец, а во ФИФА стигна едно неверојатно барање. Група ирански спортисти упатиле апел до Светската фудбалска федерација да ја исфрли нивната репрезентација од Мундијалот.

Како причина за ваквото барање се наведува бруталноста на власта во Иран врз сопствениот народ, но и фактот дека со години на жените во оваа земја им се забранува влез на фудбалските стадиони.

„Фудбалот, кој треба да биде безбедно место за сите, не е безбеден за жените, па дури ниту за мажите во Иран. На жените константно им се забранува пристап на стадионите во целата земја и систематски се исклучени од фудбалскиот екосистем во земјата. Тоа се коси со вредностите и статутот на ФИФА“, стои во соопштението упатено до ФИФА.

Мундијалот во Катар ќе започне на 20 ноември, а Иран е во група со Англија, Велс и САД. Во Иран повеќе од еден месец траат протестите поради смртта на 22-годишната Маша Амини, која неколку дена претхоно беше уапсена поради неправилно носење на хиџаб.

Иранската полиција брутално ги „задушува“ протестите, а досега има над 120 загинати.

 

- Оглас -

Најнови вести