По изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека иранската фудбалска репрезентација е добредојдена на Светското првенство, но не верува дека нивното присуство е соодветно заради опасност по нивните сопствени животи и безбедност, дојде одговорот од Иран.
Иранците сметаа дека Соединетите Американски Држави се единствената земја што би можела да биде исклучена од Мундијалот.
„Светското првенство е историски меѓународен настан, а неговото управно тело е ФИФА, а не кој било поединец или земја. Иранската репрезентација благодарение на својата сила и серијата решителни победи на храбрите синови на Иран стана една од првите екипи што се квалификуваа за ова големо првенство. Секако, никој не може да ја исклучи иранската репрезентација од учество на СП. Единствената земја што може да биде исклучена е онаа што ја носи титулата „домаќин“, но не е во можност да ја обезбеди безбедноста на екипите што учествуваат на овој глобален настан“, се вели во соопштението на Иранската фудбалска федерација.
Инаку Иран ќе биде извлечен во група со Нов Зеланд, Белгија и Египет и сите три натпревари се закажани да се одржат на територијата на САД, земја која заедно со Израел вршат ракетни напади врз Иран, што доведе до смрт и на врховниот лидер на Иран и предизвика крвав конфликт во регионот.
Претходно иранскиот министер за спорт објави дека земјата нема да учествува на СП. Ако сепак се појават, првиот натпревар им е закажан за 16 јуни во Лос Анџелес против Нов Зеланд. На иранските навивачи им е забрането да патуваат во Америка, но ФИФА е во досега невидена ситуација и ќе треба да реши што ако Иран дефинитивно се откаже.

