Англискиот второлигаш Стоук, го казни својот крилен напаѓач Џејмс Меклин со одземање на двонеделна плата, и го натераа да си го избрише профилот на Инстаграм, откако фудбалерот објави фотографија на која со „фантомка“ на главата ги подучува своите мали деца.
Покрај спорната форографија, Меклин напиша дека за време на карантинот, на децата им држел час по историја. Тоа беше протолкувано како директна поддршка на Меклин кон Ирската републиканска армија (ИРА) која со децении се бори за независност на Ирска од Велика Британија, и предизвика бес кај Англичаните.
„Никого не сакав да навредам. Сфатив што направив и искрено се извинувам. Разговарав со луѓето од клубот и ќе го избршам својот Инстаграм“ – рече Меклин.
На репрезентативецот на Република Ирска, ова не му е прв гест од политичка природа. Во минатото, тој одбиваше на дресот да го носи „попи“, цветот од мак, во знак на сеќавање на воените жртви на Британците. Меклин е роден во Дери, и тоа во населба во која беа убиени шест луѓе во „крвавата недела“ во 1972 година. Затоа за себе тврди дека е горд Фенијан (припадник на ирски народ).
„Попи не е симбол само на загинатите во Првата и Втората светска војна. Да беше така, би го носел секој ден. Тој знак е симбол на сите конфликти кои ги предизвика Британија, затоа не можам да го ставам на гради“ – изјави Меклин.