Репрезентацијата на Исланд победи со 26:24 против Австрија во меч од последното коло од главната групната фаза. Исланд ,кој имаше три порази во низа, на крајот спои две победи и завршува со четири бода во групата во која и Австрија остана на четири бода. Австријците се надеваа дека со победа ќе може да стигнат и до полуфиналето на Европското првенство, но едноставно оваа селекција немаше сили за такво нешто.
Мечот започна израмнето и по 20-тина минути игра, резултатот беше 8:8. Од тој момент, па до крајот на првото полувреме следуваше феноменална серија од 6:0 за Исланд и оваа селекција на полувреме замина со високо водство од 14:8.
Австрија заигра многу подобро на почетокот на вториот дел, па тие вратија со серија и тоа од 7:0, па негативата од 15:9 ја претворија во позитива од 16:15. Во продолжение на средбата беше неизвесно, а при резултат 23:23, Исланд даде два гола во низа и стигна до 25:23 на две и пол минути до крајот.
Доколку во следниот меч Франција не загуби од Унгарија, што е многу веројатно, второто место во групата, кое води во полуфиналето, сигурно ќе биде резервирано за домаќинот на Еврособирот, а тоа е Германија.