Исланд ја победи Црна Гора со 34:24 во првиот меч од последното коло во Група 1 и на тој начин ги задржа шансите за пласман во полуфиналето на Европското првенство во ракомет.
Рибарите уште од самиот почеток покажаа дека се многу помотивирани да стигнат до триумф, па само по неколку минути имаа предност од 6:1. Како што се доближуваше крајот на првото полувреме така и разликата растеше, па пред крајот на првите 30 минути, Исланд водеше и со 17:7.
Второто полувреме беше само формалност. Црногорците максимално успеаја да намалат на пет разлика (16:21), но потоа Исланд заигра многу подобро, па на крајот славеше лесно со двоцифрена разлика.
Со оваа победа Исланд стигна до шест бода, колку што има Франција. Галските петли вечерва играат во дербито против Данска, меч на кој Франција мора да освои барем еден бод за да остане на второто место во групата.
Доколку Франција загуби, ќе остане на еднаков број бодови колку што има и Исланд, но Рибарите ќе бидат во полуфиналето затоа што во меѓусебниот дуел лесно славеа над фаворизираниот ривал.