Ракометниот клуб Алкалоид го промовира своето најново засилување, на крилната позиција пристигнува 25-годишниот Исланѓанец Улфар Пал Монси Тордарсон, за кого ова ќе биде прва интернационална авантура во кариерата.
Тордарсон пристигнува од редовите на исландскиот клуб Валур, со кого минатата сезона блескаше во Европската лига на ЕХФ, каде што се истакна како еден од најдобрите стрелци на својата екипа.
Покрај Валур, во татковината ги носеше и дресовите на Афтурелдинг и Стјарнан, а сега го прифаќа предизвикот во македонскиот шампионат, каде што ќе ја засили конкуренцијата на крилата.
Во редовите на Алкалоид, Тордарсон ќе биде директна замена за заминатиот Арно Бинго, а од клубот очекуваат неговото искуство и голгетерски инстинкт да донесат нова енергија на теренот.

