Ракометарите на Исланд ја совладаа Словенија во Малме со 39-31 во последното, петто коло од групата 2 во втората фаза на Европското првенство.
Исланѓаните го направија она што им беше потребно, освоија два важни бода, со што сега имаат вкупно седум и сигурно се пласираа во полуфиналето во данскиот Хернинг.
Сега останува да се види кој ќе биде вториот учесник во полуфиналето од оваа група, а во игра се Хрватска и Шведска. Сè е во рацете на Хрватите, кои имаат шест бода и од 18 часот ќе играат против веќе елиминираната Унгарија, со потреба од победа.
Доколку не успеат да слават, шансата ќе се отвори за Шведска, која со пет бода, ако ја победи Швајцарија од 20:30 часот, ќе се пласира меѓу четирите најдобри екипи во Европа. Елиминацијата на еден од домаќините, Шведска, во оваа фаза би претставувала големо изненадување.
Словенија ја заврши групната фаза со четири бода.
Кај Исланд најдобар стрелец беше Видарсон со девет гола, а го следеа Рихардсон и Магнусон со по седум. Кај Словенија најмногу голови постигна Домeн Новак – девет.
Репрезентацијата на Португалија одигра импресивен натпревар во последното коло од главната фаза на Европското првенство, убедливо совладувајќи ја Шпанија со 35-27.
„Европските Бразилци“ на полувреме имаа предност од четири гола (16-12), а во продолжението целосно го контролираа мечот, оставајќи го противникот без шанси да се врати.
Шпанците во ниту еден момент не успеаја да ја намалат разликата под четири гола, додека Португалија со силна и агресивна игра доминираше од сите позиции.
Најзаслужен за победата беше Франциско Коста, кој постигна седум гола, додека на спротивната страна, најдобар поединец беше Алеиш Гомез со еден погодок помалку.

