Третиот голман на Рибарите, Патрик Сигурдур Гунарсон се повреди и нема да допатува во Скопје за мечот со Македонија, а интересна измена направија принципелните Исланѓани.
На негово место од Лихтенштајн ќе допатува голманот на младинската репрезентација, Хакон Рафн Валдимарсон, кој денеска бранеше на меч што играчите на Исланд на возраст до 21 година го добија со 3:0 против врсниците од Лихтенштајн.
Валдимарсон има 20 години и брани стандардно за шведски Елфсборг, а ова за него е прв повик во сениорската селекција на Исланд.
Гостите во Скопје ќе играат и без десниот бек Скуласон, кој се повреди на мечот со Романија и без најмладиот репрезентативец, Исак Јоханесон, кој има два жолти картони.
Мечот ќе се игра од 18 часот во недела на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје и со победа Македонија сигурно ќе игра во дополнителните баражи за настап на Мундијалот во Катар, што ќе се игра идната година.