По елиминацијата на Рафаел Надал и Данил Медведев, како еден од фаворитите за освојување на трофејот на Отвореното првенство на САД се промовираше Ник Кирјос. Сепак, Австралиецот кој играше финале на Вимблдон е елиминиран во четвртфиналето на последниот гренслем, откако по голема борба и повеќе од три и пол часа играње, загуби од Карен Хачанов.
Во многу драматичен меч, Русинот победи со 7:5, 4:6, 7:5, 6:7 и 6:4. Кирјос важеше за фаворит, но Хачанов поведе со 1:0, а потоа и со 2:1 во сетови. Кирјос успеваше да се врати во игра и кога стигна до 2:2 во сетови се очекуваше конечно во решавачкиот петти сет да го скрши отпорот на противникот, но се случи спротивното.
Уште на стартот од петиот сет, Русинот направи брејк кој успеа да го сочува до крајот на сетот што го доби со 6:4. По завршувањето на мечот, Кирјос целиот гнев за поразот го исфрли врз рекетите.
https://twitter.com/i/status/1567379072719912961
Во полуфиналето Хачанов ќе игра против Каспер Руд, кој успеа да победи во дуелот со уште еден фаворит од сенка, Матео Беретини. Тука немаше многу драма и Руд славеше со 3:0 во сетови, и тоа 6:1, 6:4 и 7:6.